Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, предупредува дека голем дел од идните пензионери би можеле да се соочат со значително пониски пензии доколку не се спроведат реформи во пензискиот систем.
На својот профил на социјалните мрежи Славески сподели интервју од 2024 година, во кое наведува дека според актуарските анализи, меѓу 70 и 80 проценти од осигурениците кои ќе се пензионираат во периодот од 2030 до 2032 година нема да можат да обезбедат ниту минимална пензија преку средствата акумулирани во вториот пензиски столб.
Според него, доколку не се преземат соодветни реформи, ќе биде неопходно значителен број идни пензионери повторно да бидат префрлани во првиот пензиски столб за да можат да остварат повисоки пензиски примања.
Славески потсети дека слична мерка била спроведена и во 2019 година, кога дел од новите пензионери биле префрлени од вториот во првиот пензиски столб заедно со средствата што ги акумулирале.
Како главни причини за ваквата состојба, тој ги посочува ниските приноси на приватните пензиски фондови, нивната ориентација кон вложувања во државни обврзници со ограничен принос, како и високите провизии што ги наплатуваат пензиските друштва.
Според Славески, пренасочувањето на дел од придонесите кон вториот пензиски столб придонело и за создавање долгорочен дефицит во државниот пензиски фонд, проблем кој, како што предупредува, ќе продолжи да се чувствува и во наредните децении доколку не се преземат соодветни мерки.







