ПРВ.мк
Македонија

ГОЛЕМА ПРОМЕНА ЗА ГРАЃАНИТЕ: Лична карта и возачка дозвола директно на мобилен - еве од кога стартува

ГОЛЕМА ПРОМЕНА ЗА ГРАЃАНИТЕ: Лична карта и возачка дозвола директно на мобилен - еве од кога стартува

Од октомври граѓаните ќе можат да ги имаат личната карта и возачката дозвола и на својот мобилен телефон. Новата државна апликација „м.Услуги“ треба да биде промовирана кон крајот на октомври, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Апликацијата веќе е подготвена и се наоѓа во фаза на тестирање, а личната карта и возачката дозвола треба да бидат меѓу првите дигитални документи што ќе им бидат достапни на граѓаните.

Сепак, воведувањето на дигиталните документи нема да значи укинување на пластичните. Користењето на „м.Услуги“ нема да биде задолжително, па граѓаните и понатаму ќе можат да ги користат физичките документи.

Андоновски посочи дека прифаќањето на дигиталните документи од институциите ќе се одвива постепено, бидејќи дел од нив претходно ќе треба технолошки да се приспособат. Како пример го посочи Министерството за внатрешни работи.

Според него, не може да се очекува МВР уште од првиот ден да ги прифаќа дигиталните лични карти и возачки дозволи, но очекува тоа да се случи во текот на процесот на дигитална трансформација.

Новата апликација треба да понуди и неколку електронски услуги, а плановите не завршуваат само со личната карта и возачката дозвола. Во иднина преку „м.Услуги“ би можеле да бидат достапни и дипломи, свидетелства и изводи во електронска форма.

Демо-верзијата на апликацијата досега ја тестирале неколку илјади граѓани, од кои биле добиени околу 200 забелешки. Паралелно се работело и на протоколот со МВР за размена и чување на личните податоци.