Коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, соопшти дека парламентарното мнозинство е проширено и дека пратеничката група сега брои 59 пратеници, откако беше потпишан Договор за политичко партнерство, соработка и поддршка со Демократската партија на Турците на Македонија.
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека потпишувањето на договорот претставува потврда за зголемената доверба, демократскиот капацитет и коалицискиот потенцијал на партијата.
„Со овој договор испраќаме јасна порака дека кога станува збор за интересите на граѓаните и иднината на државата, постои простор за обединување околу заеднички вредности, принципи и цели“, се наведува во партиското соопштение.
Според ВМРО-ДПМНЕ, партнерството се темели на доверба, заемно почитување и искрена определба за работа во интерес на сите граѓани. Воедно, се нагласува дека турската заедница претставува важен дел од македонското општество и со децении придонесува за развојот на државата.
„Соработката со Демократската партија на Турците во Македонија е доказ дека вистинските политики не ги разделуваат, туку ги поврзуваат луѓето. Кога постои искрена намера да се работи за граѓаните, различностите стануваат наша предност“, велат од партијата.
Оттаму додаваат дека договорот има за цел дополнително зацврстување на парламентарното мнозинство и обезбедување политичка стабилност, која, според нив, е неопходна за продолжување на реформите, реализација на проектите и исполнување на ветувањата дадени пред граѓаните.
„Колку е поголема довербата, толку е поголема и одговорноста кон граѓаните. Ќе продолжиме посветено да работиме за да ја оправдаме довербата и да создадеме подобри услови за живот за сите“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.










