ПРВ.мк
Македонија

Еден вирус стивнува, друг се заканува

Еден вирус стивнува, друг се заканува

Бројот на нови хоспитализации поради западнонилска треска во Македонија се намалува, но здравствените власти предупредуваат на друг ризик – морбилите, поради нискиот опфат со МРП-вакцината и зголемениот број случаи во соседните земји.

Директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана, информираше дека неделава биле хоспитализирани пет нови пациенти, додека во моментов на Клиниката се лекуваат 19 лица. Тројца пациенти биле екстубирани и нивната состојба се подобрува, а двајца повозрасни мажи со други заболувања сè уште се на респиратор.

Според податоците презентирани од Министерството за здравство, досега се регистрирани 55 случаи на западнонилска треска, а шест лица починале.

Министерот за здравство Сашо Клековски посочи дека во моментов случаите повеќе се мапираат во северниот дел на Скопје, за разлика од почетокот на епидемијата, кога најголем дел од заболените биле од јужниот дел на градот, во реонот на Скопско Поле.

Дополнително, уште еден мртов гавран бил позитивен на вирусот. Птицата била пронајдена во Карпош, во близина на Драмскиот театар. Клековски ги повика граѓаните да пријавуваат пронајдени мртви гаврани, а најави дека во следниот период вниманието ќе биде насочено и кон мртвите птици надвор од Скопје.

Морбилите стануваат нова причина за загриженост

Додека состојбата со западнонилската треска покажува знаци на смирување, здравствените власти предупредуваат на ризик од појава и ширење на морбили.

Причината е зголемувањето на бројот на заболени во Косово и Бугарија, но и нискиот вакцинален опфат во Македонија.

Според податоците на Институтот за јавно здравје што ги презентираше Клековски, опфатот со првата доза од МРП-вакцината изнесува само 62 отсто, значително под нивото од околу 95 отсто потребно за одржување колективна заштита од морбили.

„Сакам да упатам апел до сите граѓани на Македонија поревносно да пристапат кон вакцинацијата од морбили. Опфатот на вакцинација е релативно низок – 62 отсто“, порача Клековски.

МРП-вакцината штити од морбили, заушки и рубеола, а согласно календарот за имунизација првата доза се прима на 12-месечна возраст. Опфатот со ревакцинацијата е повисок и изнесува 85 отсто, но и тој останува под посакуваното ниво.

Здравствените власти апелираат родителите навремено да ги вакцинираат децата, особено во период кога случаи на морбили веќе се регистрираат во соседството.