ПРВ.мк
Македонија

ДРАМАТИЧНО СПАСУВАЊЕ НА ПАТОТ КОН ДОЈРАН: Автомобил се превртел, пожарникарите час и половина се бореле да извлечат жена!

ДРАМАТИЧНО СПАСУВАЊЕ НА ПАТОТ КОН ДОЈРАН: Автомобил се превртел, пожарникарите час и половина се бореле да извлечат жена!

Утринското патување кон Дојран можело да заврши трагично, откако автомобил со гевгелиски регистарски ознаки излетал од патот и се превртел, при што едно лице останало заробено во возилото.

Несреќата била пријавена преку бројот за итни случаи 112, по што веднаш биле активирани спасувачки екипи. Според информациите, возилото се превртело на раскрсницата кон Дојран, во правец кон Ѓопчели, а во него имало три лица кои биле заглавени.

На местото веднаш пристигнале пожарникари од три противпожарни единици – од Гевгелија, Валандово и Дојран, кои започнале сложена акција за извлекување на повредените.

Спасувачката операција траела речиси еден и пол час, од 05:30 до 06:55 часот наутро. Најголемиот предизвик бил извлекувањето на жената која останала приклештена во превртеното возило.

Благодарение на брзата реакција и координираната интервенција на пожарникарите, жената била успешно извлечена од автомобилот кој лежел превртен на кров.

За среќа, според првичните информации, таа се здобила само со полесни повреди и била спасена без потешки последици.

Од Територијалната противпожарна единица Гевгелија информираа дека нивните екипи на терен затекнале превртено возило „Берлинго“ и лице кое било заглавено во внатрешноста. Со специјализирана опрема успеале безбедно да ја извлечат жената.

По завршувањето на спасувачката акција, увид на местото извршила и екипа од Полициската станица Гевгелија, која треба да ги утврди причините за несреќата.

Брзата реакција на пожарникарите од трите градови спречила ситуацијата да има посериозен исход и уште еднаш ја покажа важноста на навремената помош во критични моменти.