Во моментов се одвива масовна полициска акција на повеќе локации низ Македонија, поврзана со рекордната заплена од пет тони марихуана во Србија, за која, според неофицијални информации, се сомнева дека потекнува од македонско тло.
Како што дознава Инфомакс, под лупа се фирми со дозвола за легално производство на канабис, кои наводно со години ја злоупотребувале својата дејност. Наместо за медицински цели, канабисот бил нелегално произведуван и пласиран на црниот пазар, преку добро организирана мрежа што се простира надвор од границите на државата.
Најтензично е во Струмица, каде, според истите извори, цели населби се под полициска опсада, а специјални тимови спроведуваат претреси и приведувања. Акцијата не застанува тука – паралелно се вршат претреси и во објекти во рамки на поранешната фабрика „ОХИС“, како и на други локации поврзани со осомничените структури.
Целта на акцијата е, како што се наведува, разбивање на една од најголемите мрежи за нелегална трговија со марихуана во регионот, која, според сомнежите, функционирала под превезот на законски дозволи.
Надлежните институции засега не излегуваат со официјални детали, но се очекува во текот на денот да има повеќе информации, приведувања и кривични пријави. Македонија, очигледно, е во центарот на една од најголемите антинаркотични акции во последните години.
















