ПРВ.мк
Македонија

ДИК го стартува изборниот тајмер: Сe e подготвено за Локалните избори 2025

ДИК го стартува изборниот тајмер: Сe e подготвено за Локалните избори 2025
Escape

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 128. седница ги усвои роковите за сите дејствија за одржување на Локалните избори 2025, откако претходно во текот на денот тие беа распишани од претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Првиот круг за избор на градоначалници и членови на советите во сите 80 општини, како и на градот Скопје, ќе се одржи на 19 октомври. Вториот круг за избор на градоначалници, во општините каде што нема да има победник во првиот круг, ќе се одржи на 2 ноември. Кампањата за првиот круг ќе почне на полноќ на 29 септември и ќе трае до 17 октомври во 24 часот, додека за вториот круг ќе трае до полноќ на 31 октомври.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, посочи дека обврските според Роковникот/Календарот ќе бидат објавени како посебни изборни дејствија. Од денот на распишувањето на изборите, ДИК ќе достави писмено барање до Министерството за внатрешни работи за ажурирање на Избирачкиот список, а МВР ќе треба да ги достави податоците во рок од 48 часа.

Од 23 август до 11 септември до полноќ, Избирачкиот список ќе биде ставен на јавен увид во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК, кои ќе работат во две смени. Граѓаните во тој период ќе може да ги проверат своите податоци, а списокот ќе биде заклучен најдоцна на 26 септември, 15 дена по завршувањето на јавниот увид.

До 13 септември до полноќ е крајниот рок за поднесување листи на кандидати до општинските изборни комисии. Жрепката за редните броеви на гласачкото ливче ќе се одржи најдоцна до 25 септември. Најдоцна до 16 октомври, три дена пред изборите, подносителите на потврдени кандидатски листи ќе имаат право да достават предлози за овластени претставници и набљудувачи до изборните органи – општинските изборни комисии (ОИК) и избирачките одбори.

Најдоцна до 27 септември ќе биде потпишан Кодексот за фер и демократски избори. Сите учесници со потврдени листи ќе мора да отворат трансакциска сметка за избори и да обезбедат Единствен даночен број најдоцна 48 часа по потврдувањето на нивните кандидатски листи од ОИК.

Медиумите ќе треба да се регистрираат најдоцна три дена од распишувањето на изборите, односно до 12 август до полноќ. Регистрацијата може да се направи на посебниот службен мејл на ДИК или во архивата на институцијата. До 14 август до полноќ медиумите ќе треба да ги достават своите ценовници.

До 13 август општините и Град Скопје ќе мора да ги објават локациите за истакнување рекламни паноа и билборди, а до 29 август и условите за нивна употреба.

Резултатите од испитувањата на јавното мислење (анкетите) ќе може да се објавуваат најдоцна до 13 октомври за првиот круг, и до 27 октомври за вториот круг.

До 18 септември ДИК ќе ги објави во Службен весник описите на сите избирачки места, додека ОИК ќе ги објават на видни места во општините до 3 октомври. Акредитации за домашни и странски набљудувачи, невладини организации и владини институции ќе може да се поднесуваат до 9 октомври.

Немоќните и болните лица ќе можат да се пријават за гласање во домашни услови до 10 октомври, а лицата во куќен притвор до 14 октомври. Тие, како и лицата во старечки домови и во казнено-поправни установи, ќе гласаат на 18 октомври, еден ден пред изборите.

Три дена пред гласањето, ДИК ќе го достави целиот доверлив и недоверлив материјал до сите 80 општински изборни комисии и до изборната комисија на Град Скопје, а еден ден пред гласањето, ОИК ќе го достават изборниот материјал до избирачките места.

Mia Home Mavrovo