ПРВ.мк
Македонија

Забрана каква што не сме виделе: Нема цигари во кафулиња, тераси, автомобили – Владата удира силно

Забрана каква што не сме виделе: Нема цигари во кафулиња, тераси, автомобили – Владата удира силно
Kristal

Македонија се подготвува за една од најстрогите забрани за пушење досега, со нов закон кој целосно ќе го смени секојдневието на пушачите, но и на угостителите и трговците. Владата изработи нов Закон за заштита од пушење, кој наскоро ќе биде ставен на јавна расправа, а предвидува драстично проширување на забраните во јавниот простор.

Според предлог-решението, пушењето ќе биде забрането во сите затворени простори од јавен карактер, вклучувајќи ресторани, кафулиња, барови, меани, кантини и други угостителски објекти. Дополнително, забраната ќе важи и за терасите, освен ако тие не се целосно отворени од најмалку три страни.

Новина е и забраната за пушење во автомобили доколку во возилото има дете, како и на автобуските и железничките станици, пазарите и други јавни површини. Законот не прави разлика меѓу класични и електронски цигари – сите форми на пушење, вклучително и вејп уреди, ќе бидат опфатени со истите рестрикции.

Посебен акцент се става на тутунските и никотинските производи со ароми. Со новиот закон се забранува нивно производство, увоз, дистрибуција и продажба, а сите цигари ќе мора да бидат тргнати од видното поле на купувачите. Рекламирањето на вакви производи целосно се укинува.

Од Министерството за здравство велат дека целта на овие мерки е заштита на јавното здравје, особено на децата и младите, и намалување на изложеноста на штетен чад и аеросоли. Алармантните податоци покажуваат дека над 45 проценти од возрасното население во земјата пуши, а годишно околу 4.000 луѓе умираат од болести поврзани со пушењето.

Со новиот закон, властите најавуваат обид да се запре, како што велат, „тивката здравствена катастрофа“.

FixCredit
Escape