ПРВ.мк
Македонија

Македонија доби нов Закон за обновливи извори на енергија – што ќе донесе за граѓаните и компаниите?

Македонија доби нов Закон за обновливи извори на енергија – што ќе донесе за граѓаните и компаниите?

Собранието го усвои новиот Закон за користење на енергијата од обновливи извори, со што за првпат оваа област во земјава ќе биде регулирана со посебен закон. Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини оценуваат дека станува збор за една од најзначајните реформи во енергетскиот сектор во последните години, која треба да ја забрза транзицијата кон почиста и поодржлива енергија.

Со новата законска рамка се воспоставуваат правила усогласени со европското законодавство, со цел да се поттикнат инвестициите во обновливи извори, да се поедностават административните процедури и да се создадат подобри услови за развој на енергетскиот сектор.

Според Министерството, законот ќе придонесе за намалување на зависноста од увоз на енергенси, зголемување на домашното производство на електрична енергија од обновливи извори и поголема сигурност во снабдувањето на граѓаните и компаниите. Воедно, се очекува да се намали употребата на фосилните горива и емисијата на стакленички гасови, што ќе има позитивно влијание врз животната средина и борбата против климатските промени.

Законот ги транспонира најновите европски директиви во оваа област и претставува дел од реформската агенда на државата. Од Министерството нагласуваат дека новите решенија ќе обезбедат поголема правна сигурност за инвеститорите, ќе отворат нови можности за стопанството и ќе создадат основа за развој на зелена инфраструктура, иновации и нови работни места.

Со ова, Македонија прави значаен чекор кон помодерен, поконкурентен и поодржлив енергетски систем, кој треба да обезбеди долгорочна енергетска стабилност и подобра иднина за граѓаните и економијата.