Територијалната противпожарна единица Велес, во координација со Полициската станица Велес и Полициската станица Чашка, упати апел до граѓаните, земјоделците и сточарите да не палат стрништа, пасишта, сува трева, отпад и други растителни остатоци на отворен простор.
Од надлежните предупредуваат дека поради високите температури и сувите временски услови, дури и најмала искра може за кратко време да предизвика голем пожар, кој може да ги загрози животите и здравјето на луѓето, шумите, земјоделските површини, добитокот и материјалните добра.
Посочуваат дека голем дел од пожарите во изминатите години биле предизвикани токму од несовесно палење на стрништа и пасишта, поради што потсетуваат дека ваквите активности се забранети и законски казниви.
Во наредниот период надлежните служби ќе спроведуваат засилени контроли на терен, а против сите што нема да ги почитуваат прописите ќе бидат преземени соодветни законски мерки.
Истовремено, граѓаните се повикуваат веднаш да пријават доколку забележат пожар или сомнително однесување кое може да предизвика пожар.
Од ТППЕ Велес нагласуваат дека само со одговорно однесување и заедничка грижа може да се заштитат природата, имотот и безбедноста на сите граѓани.









