Група граѓани поднесе обемна претставка до Уставниот суд на Северна Македонија со барање да се испита уставноста и законитоста на системот „Safe City“, кој го користи Министерството за внатрешни работи за санкционирање сообраќајни прекршоци. Паралелно, поднесена е и кривична пријава до Основното јавно обвинителство и до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција против министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и засега непознати службени лица.
Подносителите тврдат дека новиот модел за испраќање прекршочни налози преку СМС пораки со линк до PDF документ е незаконски, технички небезбеден и во спротивност со повеќе уставни принципи. Посебно се потенцира дека граѓаните се обврзани да користат паметни телефони и мобилен интернет за да ја примат казната, што не е задолжително според закон, а дел од граѓаните можат да бидат оневозможени да ја прегледаат или да поднесат жалба.
Дополнителни проблеми се наведуваат во врска со собирањето телефонски броеви при регистрација на возила, што создава база што ги поврзува телефонските броеви со регистрираните возила. Според граѓаните, ова е во спротивност со Законот за заштита на лични податоци и европската регулатива GDPR. Исто така, се укажува на селективната поставеност на фиксните камери, што создава нееднаква правна положба за граѓаните.
Техничките забелешки во претставката посочуваат дека СМС-пораките не обезбедуваат доказ за автентичност, потврда за идентитет на испраќачот, ниту сигурност за моментот на прием, што ги става под знак прашање европските стандарди утврдени со регулативата eIDAS и отвора простор за злоупотреби како „spoofing“, фишинг и други сајбер-напади.
Во кривичната пријава се наведува дека воведувањето на системот го нарушува законот и дека се исполнети елементите на повеќе кривични дела: злоупотреба на службена положба, несовесно работење и неовластено собирање и обработка на лични податоци.
Граѓаните бараат од Уставниот суд итно да поведе постапка, да ги укине сите акти и практики што го овозможуваат моделот на СМС-достава и да наложи прекин на користењето на „Safe City“ додека системот не биде усогласен со Уставот и европските стандарди. Од Јавното обвинителство бараат да обезбеди релевантни докази и документација од МВР за покренување на кривична постапка.
Министерството за внатрешни работи засега нема официјален коментар, а се очекува институциите да се произнесат во наредните денови.

















