Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во својата објава истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е местото каде што ги поминал најубавите години од својот живот, додавајќи дека таму стекнал пријатели и семејство.
„Во оваа организација човек расте, се кали и ги поминува сите предизвици и филтри. Почнува од самиот почеток и чекор по чекор успева. Кога успесите се чесни и искрени, тие секогаш се препознаваат. Денес, со гордост седам во работното претседателство на највисокиот орган на партијата, чест која не се добива лесно“, напиша Ѓорѓиевски, потенцирајќи дека учеството во претседателството на Конгресот, каде се избира лидерот што ќе ја води Македонија во следните четири години, е огромна чест.
Тој додаде дека заедно со претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, и верното членство, поминале долг пат полн со предизвици и големи победи. Со упорност, чесност и посветеност, истакна Ѓорѓиевски, тие го донеле најзначајниот успех за ВМРО-ДПМНЕ.
„Убеден сум дека и во годините што следат, предводени од Христијан Мицкоски, Македонија ќе чекори по уште посветла патека. Тој е човекот со кого пораснав и е еден од моите најблиски пријатели. Заедно создадаваме силна и стабилна иднина за генерациите што доаѓаат, со визија што обединува, што создава и што носи надеж. Да живее ВМРО! Да живее Македонија!“, напиша Ѓорѓиевски.
Објавата го отсликува личниот и професионален пат на градоначалникот во рамките на партијата, нагласувајќи посветеност, чесност и доверба кон лидерството на Мицкоски, како и верба во светлата иднина на Македонија.

















