Премиерот Христијан Мицкоски, на партискиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци, порача дека македонската економија мора да излезе од „историската замка“ на ниските плати, евтината работна сила и ограниченото производство, и да се пресели кон модел на економија базирана на знаење, технологија и иновации до 2030 година.
– „Овој премин бара системски реформски циклус во повеќе области: индустрии базирани на знаење, технологија, ИКТ, биотехнологија, фармација, инженеринг и креативни индустрии – ова е новата економска матрица. Земјата мора да вложува во области што создаваат висока додадена вредност и конкурентност на глобалниот пазар“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека дигитализацијата и автоматизацијата се предуслов за приклучување кон европските и светските производствени синџири, а модернизацијата на бизнис-секторот и технологиските паркови ќе создадат работни места со висока додадена вредност и ќе го зголемат извозниот капацитет.
– „Домашните компании мора да станат мотор на раст преку силна институционална поддршка: капитално вбризгување, кредитни линии, намалени административни бариери и стимули за развој. Националната економија е силна само ако домашните претпријатија се силни“, додаде Мицкоски.
Премиерот исто така ја истакна важноста на предвидлива фискална политика, стабилни даночни правила и долгорочно стратегиско планирање, усогласено со европските стандарди, потенцирајќи дека довербата се гради со долгорочност, јасност и транспарентност.
Во говорот посочи и дека зелената економија не е идеологија, туку државна потреба, која вклучува инвестирање во обновливи извори на енергија, модернизација на преносниот систем и регионални енергетски проекти со цел намалување на зависноста и создавање нова економска динамика.
– „Стабилноста и развојот се невозможни без доверба во државата, а довербата се гради само преку независни институции, владеење на правото и системи што создаваат правичност, а не зависност. Без доверба во институциите – нема држава“, нагласи Мицкоски, потенцирајќи дека Македонија мора да ја премине границата од формална кон функционална демократија.
Тој ја објасни и новата парадигма на модерното водство, која се базира на десет принципи: достоинство пред сè, правда како единствен легитимен авторитет, знаење како највисока форма на капитал, држава силна, но не доминантна, нација како заедница, пазарна економија што создава можности, институции како јадро на демократијата, европска ориентација како цивилизациска вредност, технологија и одржливост како нови форми на развој и општество кое се гради со доверба.
Овој концепт, како што нагласи Мицкоски, претставува основа за долгорочна економска и општествена трансформација на Македонија, со цел создавање на силна и стабилна држава која обезбедува можности и квалитетен живот за сите граѓани.

















