Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, објави дека добил СМС-порака за сообраќаен прекршок откако возел со пречекорена брзина од само 1 км/ч. Прекршокот е евидентиран од системот „Безбеден град“ и е регистриран како помал прекршок.
Тошковски истакна дека со овој систем нема исклучоци или привилегирани лица. „Системот е имплементиран и се однесува подеднакво кон сите, а ако евидентира прекршок – санкцијата доаѓа, без оглед на тоа кој е во возилото. Нема селективност, нема привилегии. Возењето возило е обврска, а не привилегија. Така се гради доверба, така се гради безбедност“, рече министерот.
Тој додаде дека целта на „Безбеден град“ не е казнување, туку ред, дисциплина и спасување човечки животи, нагласувајќи дека примери од лична одговорност се клучни за поголема безбедност на патиштата.
Системот „Безбеден град“ беше ставен во функција на 1 декември со предупредувања, додека наплатата на казни ќе започне од 1 јануари.

















