На денешниот „Марш на ангелите“ во Кочани, родителите на 63-те млади кои ги загубија животите во пожарот во дивата дискотека „Пулс“ на 16 март испратија силна, емотивна и решителна порака: нема да дозволат трагедијата да биде релативизирана, а вината да се замаглува.
Маршот беше симболичен протест – тивок, но моќен потсетник дека зад бројките стојат човечки животи, семејства и судбини, кои сè уште чекаат правда. Над 200 лица беа повредени во пожарот, а процесот кој почна на 19 ноември сè уште не носи одговорност.
„Овој марш е гласот на оние што не можат да зборуваат“
Александар Наунов, татко на загинато девојче, јавно порача дека родителите нема да молчат и дека ќе бидат присутни на секое рочиште, на секој протест и секоја институција што ја бара нивната упорност:
„Овој протестен марш е гласот на оние што не можат да зборуваат. Ова е чекорот на мајки и татковци со скршени срца. Ќе бараме одговорност сè додека правдата не победи. За нашите деца и за иднината на сите деца во државата.“
Тој праша дали судницата станува сцена за рецитирање наместо место за вистина, коментирајќи ги настапите на дел од обвинетите.
35 обвинети – сите се изјаснија за невини
На рочиштето од 2 декември, сите 35 обвинети, меѓу кои и газдата на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, рекоа дека не се чувствуваат виновни за она што се случило.
Наунов предупреди дека ваквите изјави ја искривуваат сликата за трагедијата, иако Обвинителството располага со огромна количина докази – повеќе од 200 гигабајти материјал, снимки, анализи, извештаи и вештачења.
Според родителите, тврдeњата дека никој не бил надлежен или дека не знаел за постоењето на дискотеката се обид за избегнување одговорност.
Барање за вистина, а не заменски обвинети
Во воведниот говор, поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски, исто така порача дека не може да има правда доколку пред судот стојат погрешни или „заменски“ обвинети.
Родителите бараат јасен, недвосмислен одговор: како е можно див објект да работи со години, без надзор, дозволи и проверки, и како институциите дозволиле младите да влезат во место кое било животно опасно.
Следното рочиште
Судењето за трагедијата во „Пулс“ продолжува на 10 декември, а родителите најавија дека секојпат ќе бидат таму – како сведоци, како потсетник и како глас на своите деца.

















