Мисијата на КФОР во Косово соопшти дека синоќа го засилила своето присуство и патроли низ целата држава како дел од редовните обуки на своите единици. Од мисијата наведуваат дека ова е дел од подготвеноста на КФОР да реагира на сите релевантни безбедносни настани што би можеле да влијаат на безбедноста во Косово и на стабилноста во регионот.
КФОР истакнува дека продолжува целосно да го спроведува својот долгогодишен мандат, заснован на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година. Мисијата има за цел да обезбеди безбедна средина за сите жители на Косово и да ја гарантира слободата на движење, непристрасно и во секое време, во координација со Косовската полиција и Еулекс во рамки на нивните надлежности.
Во соопштението се додава дека активностите на КФОР се интегрирани со напорите на пошироката меѓународна заедница, вклучувајќи го и поддржувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина посредуван од Европската унија.
Командантот на КФОР, генерал-мајор Озкан Улуташ, е во редовен контакт со претставници на безбедносните организации на привремените приштински институции, со шефот на Еулекс и со началникот на Генералштабот на Војската на Србија.

















