ПРВ.мк
Македонија

Онколошките пациенти во шок – еве зошто со месеци немаат основна терапија!

Онколошките пациенти во шок – еве зошто со месеци немаат основна терапија!
Kristal

Веќе неколку месеци на Клиниката за онкологија недостасуваат тумор-маркери, како и основните лекови „цисплатин“ и „таксол“, кои се составен дел од редовната терапија на онколошките пациенти.

Поради овој недостиг, пациентите се принудени да се упатуваат во други лаборатории, како што е Клиничка биохемија, за да ги направат неопходните крвни тестови. Дел од нив сведочат дека морале да платат од сопствен џеб, бидејќи во упатот не им била внесена соодветната шифра што овозможува бесплатна услуга за онколошки болни.

Министерот за здравство Азир Алиу уверува дека се работи на системско решение за овој проблем, кое ќе биде овозможено преку измена на законските прописи, со цел да се обезбеди редовно снабдување со реагенси за тумор-маркери.

Од Здружението на пациенти „Хема Онко“ реагираат дека е потребна итна измена на Законот за јавни набавки на лекови, за да се спречи повторување на вакви состојби. Тие предупредуваат дека сегашната регулатива овозможува пролонгирани тендерски постапки и административни застои, кои создаваат празнини во снабдувањето со неопходни медикаменти.

„Проблемот може да се надмине само со промена на начинот на набавка и обезбедување континуирано снабдување, наместо зависност од тендерски рокови и жалбени постапки,“ порачуваат од здружението.

Министерството за здравство најавува законски измени со кои ќе се воведе нова, пофлексибилна постапка при јавните набавки на лекови и реагенси. Со тоа би се избегнало времето на чекање меѓу две тендерски постапки — период кој често доведува до сериозен недостиг на терапија и дијагностички материјали за пациентите со рак.

Escape