ПРВ.мк
Македонија

Аптекарите со ново барање: сакаат пристап до „Мој термин“ - Ова се деталите

Аптекарите со ново барање: сакаат пристап до „Мој термин“ - Ова се деталите
Kristal

Кога терапијата не дава резултати, пациентите често се враќаат повеќепати во аптеката барајќи совет од фармацевтите. Овој непотребен круг – од матичен лекар до аптека и назад – би можел да се прекине доколку аптекарите добијат пристап до системот „Мој термин“, велат од Здружението на приватни аптеки.

Фармацевтите предлагаат воведување „фармацевтско досие“ во кое би се евидентирало ако одреден лек не му одговара на пациентот. Таа забелешка би му била видлива на матичниот лекар, кој потоа би можел навремено да ја промени терапијата. Аптекарите веќе одржале состаноци со повеќе министри, а од актуелниот министер за здравство Азир Алиу очекуваат конкретна поддршка и реализација на предлогот.

Од Министерството за здравство потврдија дека ќе ги интензивираат процесите на дигитализација, особено во делот на фармацевтските услуги. Во меѓувреме, граѓаните сè погласно реагираат дека цените на лековите во Македонија се повисоки во споредба со соседните земји. Фармацевтката Божиновска нагласува дека лековите кај нас имаат единствени цени во сите аптеки, без простор за манипулации.

Фармацевтите дополнително апелираат итно да се вклучат комбинирани лекови на сметка на државата, што би го намалило финансискиот товар врз пациентите. Министерот Алиу, следејќи ја праксата на своите претходници, најави дека нови лекови на позитивната листа ќе се додаваат два пати годишно.

Минатата година, во септември, позитивната листа беше проширена со девет нови генерички лекови, што овозможи 87 лекови да станат достапни на товар на Фондот за здравство – чекор што фармацевтите го поздравуваат, но бараат да стане редовна и транспарентна практика.

Escape