На Светскиот ден на науката, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ ги отвори своите врати за јавноста, но зад свечените настани се крие загрижувачка вистина – драматично мал број студенти го изучуваат македонскиот јазик.
Според податоците од Филолошкиот факултет, на катедрата за македонски јазик годишно се запишуваат едвај дваесетина студенти. Повеќето од нив велат дека ги мотивира љубовта кон јазикот и желбата да го негуваат како културно наследство за идните генерации, но бројката останува алармантно ниска.
Професорите предупредуваат дека литературниот македонски јазик мора да се говори за да опстои. Сè почеста употреба на странски зборови и модерни странцизми го потиснува македонскиот израз, а младите, под влијание на модата и глобалните трендови, сè почесто се одлучуваат да говорат на други јазици.
Професорката Јачева-Улчар смета дека е време за нова граматика и модерни стандарди, кои ќе го направат јазикот попривлечен и полесен за употреба.
„На еден јазик му требаат борци – луѓе што го зборуваат, пишуваат и го негуваат. Без тоа, тој ќе згасне. Потребни се стандарди, но и услови младите да останат во земјава,“ нагласува Јачева-Улчар.
Институтот за македонски јазик од денеска до 14 ноември ги организира 10. Отворени денови, со цел да се поттикне интересот за изучување на македонскиот јазик и да се потсети јавноста дека неговото зачувување започнува од секој поединец.
















