Неизвесност и страв меѓу илјадници земјоделски семејства и агробизнисмени – судбината на ИПАРД 3 програмата е под прашање. Според обвинувањата на СДСМ, плаќањата преку овој европски фонд се целосно суспендирани, што може да предизвика сериозни последици за домашниот аграр.
Поранешниот министер за земјоделство Љупчо Николовски тврди дека исплатите кон земјоделците се стопирани, дури и за оние кои веќе имаат склучени договори и реализирани инвестиции преку ИПАРД 3. Дополнително, нема да има нови јавни повици или потпишување на нови договори. Според Николовски, причината за оваа блокада е скандалот во Платежната агенција, кој го потресе земјоделскиот сектор.
Иако од Владата сè уште нема официјален став, актуелниот министер за земјоделство Цветан Трипуновски ги отфрла обвинувањата. Тој тврди дека од Брисел нема никакви сигнали за блокада на европските средства. Напротив, како што вели, борбата против корупцијата добила поддршка од Европа, а наскоро ќе биде назначен и нов директор во Платежната агенција.
Трипуновски ги демантира и шпекулациите дека лично е поврзан со скандалот, поради тоа што една од осомничените лица е негова поранешна соработничка. „Тоа се неосновани обвинувања за да се спомне моето име. Осомниченото лице не било дел од мојот кабинет, а нејзиниот договор за работа во Управата за водостопанство е веќе раскинат“, истакна министерот.
Во меѓувреме, Кривичниот суд го прифати предлогот на обвинителството и одреди притвор за директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев, како и за уште три лица. Петтата осомничена доби мерка куќен притвор.
Според информациите од МВР и Обвинителството, сите биле лишени од слобода во координирана акција. Постојат сомневања за коруптивни дејства – давање поткуп, незаконито влијание и посредување во примање награда.
Овој скандал, кој веќе предизвика политички потреси, би можел да има долгорочни последици врз земјоделците и довербата во институциите кои управуваат со европските фондови.
















