ПРВ.мк
Македонија

Жив, но 25 години официјално „мртов“: Скопјанец заробен во институционален апсурд

Жив, но 25 години официјално „мртов“: Скопјанец заробен во институционален апсурд

Неверојатен бирократски случај со години останува нерешен во Македонија. Скопјанецот Афет веќе 25 години официјално се води како починат, иако е жив, а институциите сè уште не успеваат да ја исправат административната грешка што целосно му го променила животот.

Според извештајот на Народниот правобранител, проблемот настанал во 2001 година кога неговиот брат близнак отпатувал во Чешка користејќи го пасошот на Афет. По неговата смрт во странство, надлежните институции погрешно го евидентирале Афет како починато лице.

Иако подоцна преку биометриски податоци и отпечаток од прст било утврдено дека Афет е жив, случајот останал заглавен меѓу институциите. Основниот граѓански суд се прогласил за ненадлежен, додека Управата за водење на матичните книги смета дека само суд може да донесе решение за негово повторно впишување како жив.

Народниот правобранител оценува дека ваквото префрлање на надлежностите сериозно ги нарушува основните права на граѓанинот, кој поради статусот „починат“ не може да добие лични документи, да користи јавни услуги ниту да ги остварува своите законски права.

И покрај повеќегодишните обиди и интервенции, случајот сè уште нема разрешница, а Афет останува заробен во административен лавиринт, чекајќи државата конечно да ја исправи грешката и повторно да го признае како жив.