ПРВ.мк
Македонија

БРВЕНИЦА ПРЕД ИЗБОРНА БИТКА: Познати сите кандидати за градоначалник

БРВЕНИЦА ПРЕД ИЗБОРНА БИТКА: Познати сите кандидати за градоначалник

Владините коалициони партнери ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН на претстојните вонредни избори во Општина Брвеница ќе настапат со одделни кандидати за градоначалник, по ненадејната смрт на Јовица Илиевски, кој во ноември минатата година по вторпат беше избран на функцијата.

ВМРО-ДПМНЕ го кандидира Стојанчо Радичевски, кој со акламација бил избран од Извршниот комитет на партијата. Радичевски е претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница, магистер по граѓанско право и дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

ВЛЕН, пак, во изборната трка влегува со Јакуп Хусеини, магистер по правни науки, кој работи како државен службеник во Општина Брвеница.

На последните локални избори, Јовица Илиевски победи со 145 гласа разлика пред кандидатот на ВЛЕН, Хаќим Рамадани.

На вонредните избори свој кандидат ќе има и Демократската унија за интеграција, која ќе настапи со Аркин Јахији.

СДСМ, пак, го кандидира Јовица Радески. Тој е ветеринар по професија и доаѓа од приватниот сектор, а во моментов е советник и носител на советничката листа на СДСМ.

Според податоците од пописот во 2021 година, Општина Брвеница има 13.645 жители, од кои 54 отсто се Албанци, а 45 отсто Македонци.

Вонредните избори за градоначалник на Брвеница се закажани за 18 октомври 2026 година. До нив доаѓа откако во јуни годинава ненадејно почина Јовица Илиевски, кој во ноември 2025 година по вторпат беше избран за градоначалник на општината.