Системот „Безбеден град“ (Safe City) започнува да се воведува и во Дебар, каде веќе се поставува нова опрема за автоматска контрола на сообраќајот. Надлежните најавуваат дека камерите наскоро ќе влезат во фаза на техничко тестирање, но во овој период прекршоците сè уште нема да се санкционираат.
Според информациите од Секторот за внатрешни работи Охрид, во моментов се поставуваат сообраќајни камери и дополнителна опрема на повеќе фреквентни локации во Дебар.
Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, за МИА информираше дека камерите ќе бидат поставени на клучни точки каде има поголемо движење на возила, меѓу кои кружниот тек во близина на општинската зграда, крајот на булеварот „Илирија“, патниот правец кон Струга, како и други локации со зголемена фреквенција на сообраќај.
Целта на системот е подобрување на контролата на патиштата, намалување на сообраќајните прекршоци и зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот преку следење на брзината и други неправилности.
Од СВР Охрид посочуваат дека до целосното активирање на системот, сообраќајната полиција ќе продолжи со засилени контроли со мобилни електронски камери, со цел да се спречат опасни ситуации и да се намали бројот на сообраќајни несреќи.
„Безбеден град“ треба да помогне во ограничување на брзото возење, опасното претекнување и непрописното паркирање, особено во периоди кога туристичкиот сообраќај е значително зголемен.
Според надлежните, крајната цел не е само откривање и санкционирање на прекршоците, туку создавање побезбедни услови на улиците и патиштата, со помалку несреќи и поголема одговорност кај возачите.
Од СВР Охрид упатија апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, да ја прилагодат брзината според условите на патот и да придонесат за поголема безбедност во сообраќајот.







