Даниел Кајмакоски, кој синоќа беше киднапиран во Белград, е роден на 17 октомври 1983 година и поголемиот дел од животот го поминал во Виена.
Сепак, судбинскиот повраток на Балканот му се случи во 2014 година кога се пријави за првата сезона на натпреварот „X Factor Adria“. Под менторство на Жељко Јоксимовиќ, Даниел покажа неверојатни вокални способности и харизма, што му донесе убедлива победа. Соработката со Јоксимовиќ беше крунисана со хитовата песна „Скопје–Белград“, која симболично ги поврза двата града клучни за неговата кариера.
Само една година по триумфот на „X Factor“, Кајмакоски го оствари уште еден сон – ја претставуваше Македонија на Песна на Евровизија 2015 во Виена. Иако со песната „Лисја есенски“ не успеа да се пласира во големото финале, остана запаметен како еден од најквалитетните вокали што Северна Македонија ги испратила на ова натпреварување.
По период на интензивна медиумска присутност, Даниел одлучи да се повлече од јавната сцена. Мирот го најде во семејниот живот. Тој е во брак со сопругата Марина, а неодамна станаа родители на ќерката Емилија. Даниел ја посочува семејната радост како главна причина за музичката пауза. Претходно, имал брак со манекенката Кристина Димитриевска, со која има син, а нивниот развод често беше тема на таблоидите.
Според сознанијата од истрагата, двајца вооружени државјани на Турција го пресреле пејачот, го натерале да влезе во автомобил под закана со пушка и се обиделе да изнудат голема сума пари. Во акцијата учествувале припадници на УКП.
Даниел бил киднапиран под закана со пиштол, а сето тоа се случило во Белград, што ја разбуди јавноста и медиумите во регионот.

















