Македонија утрово се разбуди со ниски температури и снежна покривка во повеќе градови, а Управата за хидрометеоролошки работи најавува повремени врнежи од снег и во текот на денешниот ден.
Најстудено утрово било на Попова Шапка, каде што се измерени минус шест степени, по што следуваат Маврови Анови со минус пет и Крива Паланка, Крушево и Лазарополе со минус три степени.
Највисока снежна покривка е регистрирана во Маврови Анови, каде што има 28 сантиметри снег.
Според мерењата на УХМР, висината на снежната покривка изнесува:
- Маврови Анови – 28 сантиметри
- Крушево – 27 сантиметри
- Попова Шапка – 18 сантиметри
- Лазарополе – 15 сантиметри
- Тетово – 10 сантиметри
- Куманово – 9 сантиметри
- Тополчани – 8 сантиметри
- Берово и Битола – 5 сантиметри
- Крива Паланка – 4 сантиметри
- Скопје-Петровец – 1 сантиметар
Во изминатите 24 часа најмногу врнежи се регистрирани во Пожаране, каде што наврнале 42 литри на квадратен метар.
Во текот на денешниот ден времето ќе биде облачно со повремени локални врнежи од снег, додека во пониските места, особено долж Повардарието, се очекуваат врнежи од дожд и снег.
Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер, а максималните дневни температури ќе се движат од минус еден до пет степени.
Во Скопје се очекуваат повремени врнежи од снег, кои ќе престанат во попладневните часови, со максимална температура до два степена.
Во останатите делови од земјата врнежите се очекува да престанат кон крајот на денот.








