Со доаѓањето на студените денови, многу возачи седнуваат зад воланот облечени во дебели зимски јакни, без да бидат свесни дека оваа навика може значително да ја намали нивната безбедност.
Германскиот автомобилски клуб АДАК предупредува дека носењето дебела зимска облека во автомобилот може да предизвика сериозни повреди при сообраќајна несреќа, дури и при релативно мала брзина.
Проблемот е во тоа што дебелата јакна создава дополнителен простор помеѓу телото и безбедносниот појас, спречувајќи го неговото правилно прилегање.
Експертите спровеле симулација на сообраќајна несреќа при брзина од само 16 километри на час. Резултатите покажале дека безбедносниот појас силно се врежал во пределот на стомакот, што при вистинска несреќа може да предизвика сериозни повреди на внатрешните органи, па дури и внатрешно крвавење.
Децата се особено загрозени.
Експертите препорачуваат родителите да ги соблекуваат дебелите зимски јакни на децата пред да ги врзат во детските автомобилски седишта. Откако правилно ќе ги прицврстат безбедносните ремени, децата можат да ги покријат со топло ќебе или со соблечената јакна.
АДАК предупредува и дека дебелите ракавици можат да го отежнат управувањето со воланот, шаловите и капите да го ограничат видното поле, а гломазните зимски чизми да го намалат чувството при притискање на педалите.
За поголема безбедност, експертите советуваат возачите да ги соблекуваат дебелите јакни пред возење и да се осигурат дека безбедносниот појас правилно и цврсто прилега до телото.









