Светски познатата манекенка Наоми Кембел беше една од главните ѕвезди на овогодишното отворање на зимската сезона на Јахорина, а нејзиното доаѓање на Балканот поттикна и интересна приказна од српскиот пејач Ацо Пејовиќ.
Во разговор за „Телеграф“, пејачот откри дека британската манекенка ја запознал пред четири или пет години, и тоа под сосема неочекувани околности.
Нивната средба се случила во клиника во австрискиот град Клагенфурт, каде што Пејовиќ престојувал со сопругата и пријателите.
„Отидов на детоксикација на организмот за да ослабам неколку килограми и малку да се исчистам од кафеаната. Бев со сопругата и пријателите и ми беше одлично. Тогаш ослабев десет килограми“, раскажал пејачот.
Тој откри дека со Наоми Кембел случајно се сретнале пред лифтот, но дека манекенката разговарала со неговата сопруга.
„Не разговарав јас со неа, туку ја праша мојата сопруга каде се наоѓа просторијата за масажа. Подоцна се шегував на сметка на таа средба. Секако, пристојно и убаво се поздрави, а ја гледавме и за време на ручекот, седеше на масата до нас“, изјавил Пејовиќ.
Пејачот додаде дека во тој период во клиниката престојувале и многу други познати личности.
Пејовиќ настапи на првата вечер од манифестацијата на Јахорина, додека Кембел ја затвори дводневната програма со својот диџејски настап.









