Судот во хрватскиот град Вараждин донесе неправосилна пресуда со која на 42-годишен маж, осуден за убиство, му досуди отштета од 9.900 евра поради несоодветните услови во затворот Лепоглава.
Дополнително, државата треба да му исплати законска затезна камата, која се пресметува од октомври 2014 година, како и 3.467,26 евра за судски трошоци со соодветна камата.
Мажот ја тужел Хрватска во 2014 година, барајќи отштета од над 66.000 евра, со образложение дека поради пренатрупаноста во затворот било нарушено неговото човечко достоинство.
Тој издржувал затворска казна од 12 години и шест месеци поради убиство на 86-годишна жена, извршено во февруари 2010 година во загрепската населба Дубрава.
Судот утврдил дека осуденикот во периодот од 2011 до 2014 година поминал речиси 1.000 дена во услови во кои располагал со помалку од три квадратни метри личен простор.
Хрватската држава го оспорувала неговото барање, посочувајќи дека затвореникот имал можност за работа, физичка активност, престој на отворено и користење на затворската теретана.
Сепак, судот оценил дека овие активности не можеле да го надоместат долготрајниот недостиг на простор и дека осуденикот бил изложен на страдање и понижување кое го надминува неизбежното ниво при издржување затворска казна.
Со неправосилната пресуда е утврдено дека биле повредени неговите права загарантирани со Уставот и Европската конвенција за човекови права.








