Украинските сили соопштија дека извршиле напад врз база на елитната руска единица за управување со беспилотни летала „Рубикон“, во окупираниот дел на Запорошката област.
Според украинските Јужни одбранбени сили, во нападот во Бердјанск биле погодени повеќе воени објекти, при што руската единица наводно претрпела значителни загуби.
Антон Герашченко, советник на украинскиот министер за внатрешни работи, објави дека, според првичните разузнавачки информации, можно е да загинале повеќе од 30 лица, а до 70 да бидат ранети.
Украинската страна тврди дека биле уништени центар за обука, простории за сместување на воениот персонал и складишта за беспилотни летала.
Украинската војска објави и видеоснимка од операцијата.
„Рубикон“ се смета за една од клучните единици во рамките на руските сили за беспилотни системи, формирани во 2025 година. Поради нејзината улога во воените операции, единицата во изминатиот период повеќепати била цел на украински напади.
Во меѓувреме, според украинските локални власти, руските напади со беспилотни летала во текот на викендот однеле најмалку десет животи низ Украина.
Информациите за размерите на штетата и бројот на загинати и повредени припадници на руската единица засега не се независно потврдени.








