Македонското новинарство загуби уште еден истакнат професионалец. На 78-годишна возраст почина Мојсо Мојсовски, долгогодишен новинар, уредник и препознатлив глас на Македонското радио.
Роден на 8 септември 1948 година во Скопје, Мојсовски најголемиот дел од својата професионална кариера го помина во Македонското радио, каде што извршуваше повеќе одговорни уреднички функции.
Особено се издвојува неговиот ангажман како уредник на дескот, како и работата како уредник и водител на Пладневниот радиовесник, една од препознатливите информативни емисии на радиото.
Своето професионално искуство го пренесе и во македонската редакција на „Дојче веле“, а на помладите генерации новинари им ги пренесуваше вредностите на професионалното, одговорно и посветено новинарство.
Покрај новинарството, неговата голема љубов беше родното Скопје. Преку своите книжевни изданија, лични записи и спомени, Мојсовски го зачувуваше духот на градот, неговата историја и приказните за некогашниот градски живот. Долги години беше активен и во Одборот на скопските бадникари.
Зад него остануваат богато професионално наследство, долгогодишен придонес во македонското новинарство и спомените на бројните колеги и радиослушатели.
Последното испраќање ќе се одржи во вторник, 1 декември. Опелото во капелата е закажано за 11 часот, а погребот за 12 часот.









