ПРВ.мк
Свет

ГОЛЕМА НОВИНА ЗА АВТОМОБИЛИТЕ ВО ЕУ: Од денеска се воведува дигитален пасош со QR-код

ГОЛЕМА НОВИНА ЗА АВТОМОБИЛИТЕ ВО ЕУ: Од денеска се воведува дигитален пасош со QR-код

Од денеска, 29 ноември 2026 година, започнува новата фаза од примената на европската норма Евро 7, која предвидува значајни промени за новите автомобили во Европската унија.

Една од најважните новини е воведувањето дигитален еколошки пасош, преку кој купувачите ќе имаат едноставен пристап до клучните технички и еколошки карактеристики на возилата.

Податоците ќе бидат достапни преку QR-код, поставен во возилото или прикажан на екранот на мултимедијалниот систем.

Што ќе содржи дигиталниот пасош?

  • Податоци за емисиите на јаглерод диоксид и други загадувачки материи;
  • Потрошувачка на гориво и електрична енергија;
  • Електричен домет на возилото;
  • Моќност на погонскиот систем;
  • Карактеристики и издржливост на батеријата.

За пристап до информациите нема да биде потребна посебна апликација, регистрација или внесување лични податоци.

Што значи ова за сопствениците на постарите автомобили?

Возачите чии автомобили веќе се во сообраќај нема да имаат обврска да обезбедуваат дополнителен документ. Новите правила ќе се применуваат постепено, почнувајќи од одредени категории нови возила.

Со оваа иницијатива, Европската унија има цел да обезбеди поголема транспарентност на автомобилскиот пазар и да им овозможи на купувачите полесно да ги споредуваат различните модели.

Посебна корист во иднина би можеле да имаат купувачите на половни електрични и хибридни автомобили, кај кои состојбата и издржливоста на батеријата имаат значително влијание врз вредноста и дометот на возилото.