Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска соопшти дека околу 250 онлајн приредувачи на игри на среќа кои немале извадено лиценца во Македонија се официјално забранети.
„Тоа е битка на нашата генерација и мора да се справиме со нелегалното приредување на онлајн игри на среќа. Особено загрозени се младите, кои често користат документи на своите родители за да играат нелегално. Тоа води до украдени пари, банкарски податоци и картички“, изјави Андоновски во Свети Николе.
Министерот истакна дека процесот на затворање на нелегалните онлајн приредувачи е континуиран, со редовни месечни активности, и дека до крајот на месецот се очекува уште 50 такви приредувачи да бидат забранети.
„На овој начин ги заштитуваме младите од ‘предатори на интернет’, чија цел е да ги украдат и злоупотребат податоците на граѓаните“, нагласи Андоновски, потенцирајќи ја важноста од безбедноста на интернет и заштитата на граѓаните од онлајн измами.