Еден од најамбициозните европски воени проекти – развојот на нов борбен авион FCAS – влезе во длабока криза. Наместо обединување, иницијативата предизвикува жестоки несогласувања меѓу Германија и Франција, кои повторно се закануваат со целосно напуштање на заедничката работа.
Причината е јасна – двете земји не можат да се договорат околу поделбата на задачите, контролата врз интелектуалната сопственост и идната намената на авионот. Франција инсистира таа да има водство и да обезбеди проектот да носи француско нуклеарно оружје, додека Германија бара еднаков удел и опција за интеграција на американско нуклеарно вооружување.
Фазата за развој на експериментални модели, која требаше да стартува до крајот на годината, е ставена под прашање. Со тоа, под закана е инвестиција вредна над 100 милијарди евра, во која учествуваат Dassault Aviation, Airbus и шпанската Indra. Досегашните спорови веќе доведоа до значителни одложувања и сериозни сомнежи околу иднината на проектот.
Германски пратеници предупредуваат дека доколку соработката пропадне, тоа нема да биде крај за Берлин. Напротив, Германија би можела да развие сопствен авион или да се приклучи кон алтернативни програми како GCAP, па дури и да бара нови партнери – меѓу нив и Шведска.
Иако проектот беше замислен како симбол на европско единство и технолошка надмоќ, денес изгледа како пример за поделби, недоверба и борба за доминација. Времето истекува, а судбината на FCAS останува неизвесна.