Данска остро реагираше откако излегоа информации дека Американци спроведувале тајни активности во Гренланд со цел да поттикнат независност и присоединување кон САД. Копенхаген повика американски дипломат на итен разговор, а разузнавачката служба предупреди дека островот е цел на „кампањи за влијание“.
Наводно, биле составувани списоци со жители кои би ја поддржале американската иницијатива, а медиумите потсетуваат дека Доналд Трамп во повеќе наврати изразувал интерес за купување на Гренланд.
Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен порача дека мешањето во внатрешните работи на кралството е неприфатливо. Властите ја засилија соработката со локалната управа за да спречат какви било обиди за влијание, нагласувајќи дека според анкетите, Гренланѓаните не сакаат припојување кон САД.
Скандалот претставува редок дипломатски судир меѓу Данска и нејзиниот долгогодишен сојузник Америка.