Во спектакуларна акција во срцето на Истанбул, турската полиција изврши масовна рација во 23 бизниси во историската Капали чаршија и откри неверојатно богатство вредно над 30 милиони долари.
Операцијата започнала откако биле уапсени 10 лица осомничени за шверц на дијаманти, а завршила со апсење на уште 40 лица. Запленети се 135 скапоцени камења, повеќе од илјада прачки од благородни метали и дури 267 историски антиквитети, заедно со оружје и дигитални материјали кои дополнително ја потврдуваат криминалната мрежа.
Капали чаршија, еден од најстарите и најпознати пазари во светот, познат по своите илјадници продавници и туристички метеж, повторно се најде во центар на полициски истраги. Овојпат, наместо злато и сувенири за туристите, зад шарените излози се открила мрачна приказна за шверц, криминал и историски богатства кои требало да завршат на црниот пазар.
Ова не е првпат легендарниот пазар да биде под лупа – и во април властите го испитуваа работењето на една компанија поради сомневања за перење пари. Но, последната акција се смета за една од најголемите досега, откривајќи скриени богатства чии траги водат длабоко во криминалните структури на Турција.