Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека во петок, 29 август, украинската делегација ќе се сретне во Њујорк со тимот на американскиот претседател Доналд Трамп за да разговараат за безбедносните гаранции за Украина.
„Ќе бидат опфатени воените, политичките и економските компоненти на гаранциите. Нашата цел е да ги забрзаме процесите и тоа да стане лост на притисок врз Русија“, изјави Зеленски во своето вечерно обраќање.
Тој нагласи дека Москва испраќа „негативни сигнали“ и дека Русија не ги исполнува ветувањата дадени пред САД и меѓународната заедница.
„Русија мора да ја заврши војната што ја започна. Наша задача е да извршиме доволен притисок за да ја натераме на вистински чекори“, додаде тој.
Зеленски потсети дека украинскиот тим веќе одржал средби во Катар со посредници за преговорите, а во Њујорк ќе се разговара директно со претставници на Белата куќа.
Украинските медиуми претходно објавија дека делегацијата ќе се сретне со специјалниот претставник на претседателот Трамп, Стив Виткоф.