ПРВ.мк

Академик Попов: Официјализацијата е логичен след на долговековниот просторен и временски континуитет на македонскиот јазик

Академик Попов: Официјализацијата е логичен след на долговековниот просторен и временски континуитет на македонскиот јазик
Jumbo Banner

Обраќање на академик Живко М. Попов, претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) на Свечената академија по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик,    05.05.2025, МАНУ, Скопје

„На денешниов ден ја одбележуваме 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, настан кој овозможи озаконување и официјализирање на литературниот македонски јазик не само во рамки на тогашната Народна Република Македонија, туку и негово внесување во светското семејство на литературни јазици.

Имено, токму на 5 мај 1945 година, со решение на Народната влада на Демократска Федеративна Македонија, прогласена е официјалната македонска азбука, по предлог на Комисијата за јазик и правопис. На Решението се потпишани тогашниот претседател на Народната влада, Лазар Колишевски и Министерот за просвета, Никола Минчев. Официјалното решение е објавено во тробројот (5,6,7 мај 1945) на весникот Нова Македонија и со тоа е прогласена македонската азбука како официјална.

Овој настан, еден од најзначајните настани за стандардизацијата на македонскиот јазик, е само една алка во низата настани кои непосредно следувале и претходеле во процесот на кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Една и пол година претходно, прво со одлуката на Претседателството на Второто заседание на АВНОЈ (29 ноември 1943) македонскиот јазик, заедно со српскиот, хрватскиот и словенечкиот е прогласен за службен јазик на целата територија на Југословенската федерација, а потоа со Решението на Првото заседание на АСНОМ (2 август 1944) е воведен македонскиот како службен јазик во македонската држава. Само еден месец по официјализирањето на македонската азбука, на 7 јуни 1945 година донесено е решение за официјално усвојување на македонскиот правопис при што е објавен првиот македонски правопис како засебна книшка. Во истиот период (мај 1945 година), Блаже Конески ја објавува книшката на 38 страници „Македонската литература и македонскиот литературен јазик“ во издание на Култура, Скопје.

Народната основа на македонскиот литературен јазик е главниот двигател на неговиот повеќевековен континуитет. Имено, јазичната  територија на македонскиот јазик подолг период била под туѓи општествено-политички влијанија. Народите и јазиците со коишто македонскиот јазик стапувал во интеракција генеалошки не биле толку сродни (латино-романски, грчки, албански, влашки, подоцна и турски). Сето тоа го принудило македонскиот јазик постојано да се адаптира, да иновира, да еволуира со цел да опстане и да овозможи непречена комуникација како меѓу своите говорители, така и со говорителите на другите несловенски јазици и дијалекти. Токму таа слобода во развојот на живата комуникација на македонски народен јазик, овозможила непречен јазичен континуитет чија официјализација се случила токму со вклучувањето на народната основа при кодификацијата на македонскиот стандарден јазик во 1945 година.

Како што спомнавме, кодификацијата и прогласувањето на македонската азбука е само една алка од низата процеси кои неизбежно воделе до тој завршен чин. Не навраќајќи се длабоко во минатото, сепак вреди да ги спомнеме Партениј Зографски, Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ и Ѓорги Пулевски значаен по една од првите македонски азбуки, како и многу други кои дале огромен влог во оформувањето на она што подоцна ќе стане македонски литературен јазик. Несомнено, на почетокот на 20-тиот век, не смееме да ја пренебрегнеме улогата на една од најзначајните национално-културни асоцијации во минатото – македонското научно-литературно другарство  во Петроград (1902-1917). Во рамките на ова другарство во 1902/1903 година беше подготвена првата дотогаш најкомплетна македонска национална програма, пласирана низ словенскиот свет, потоа првата кодификација на македонскиот современ јазик на кој што беше објавена и првата книга “За Македонцките работи” од Крсте П. Мисирков, беа составени повеќе историски меморандуми испратени до големите сили, беше подготвен обемен македонско-руски речник од страна на Димитрија Чуповски, излегуваше научното и литературно списание “Вардар” и многу други нешта од национален интерес. Во периодот после Првата светска војна би го споменал и моментот кога Грчката влада под притисок  на Друштвото на народите во Женева да им отвори на Македонците во своите граници училишта на мајчиниот јазик, го напечати познатиот буквар на славомакедонски јазик (Abecedar) со адаптирана латинска азбука. Но под внатрешен и надворешен притисок на соседните монархии букварот никогаш не заживеа. Понатаму во 1933 година  Коминтерната се почувствува принудена да посвети поголемо внимание на националниот ентитет на Македонците и нивната борба за етнички права. Па така на 11 јануари 1934 година Извршниот комитет на Коминтерната донесува решение за признавање на македонската нација и на македонскиот јазик како посебни во словенската група и на балканскиот полуостров. Ова решение како потврда на внатрешниот развој на македонскиот народ има големо значење како прво официјално признавање од ваков вид и е со извонредно благотворно влијание за натамошниот развој на македонската национално-ослободителна борба во текот на Втората светска војна и после неа.

Тој континуиран процес кон стандардизација и кодификација на македонскиот јазик бил пропратен и со научните истражувања на странските слависти, особено кон крајот на 19-тиот и првата половина на 20-тиот век. Покрај Франц Миклошиќ, Ватрослав Јагиќ и многу други, од особено значење е словенечкиот славист Ватрослав Облак кој во 1896 година ја објавил книгата „Македонски студии“. Во периодот меѓу двете светски војни најмногу се истакнуваат француските слависти Андре Мазон и Андре Вајан, како и полскиот славист Мјечислав Малецки, кои со своите истражувања констатираат дека македонскиот јазик претставува посебна индивидуалност во јужнословенската јазична група.

Во истиот период, исто така се засилува и драмското и лирското творештво на македонски народен јазик кое во голема мера ќе биде вградено и во оформувањето на македонскиот литературен јазик, а секако и во неговиот понатамошен развој како стандардизиран и меѓународно признат и почитуван јазик. Во низата настани кои директно ѝ претходеле на кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, од големо значење е и отворањето на училишта на македонски јазик на ослободената територија во текот на Втората светска војна. Токму во западните краишта на Македонија, со одлука на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, во кичевското село Подвис, на 23 септември 1943 година е отворено првото училиште на македонски јазик. По него, на ослободените територии започнале со работа десетина училишта на македонски јазик во Издеглавје, Слатино, Оздролени, Ботун, Ново Село, Горно и Долно Средорече со Гркополе, Гари, Осој, како и во градот Дебар. Ова всушност претставува непобитен факт дека македонскиот јазик ја имал улогата на национален јазик уште пред да стане службен со познатото решение на АСНОМ донесено на неговото прво заседание.

Поради сето ова, аргументирано можеме да тврдиме дека официјализирањето на македонската азбука и на македонскиот стандарден јазик не е некаква “вештачка конструкција“, туку претставува логичен след на долговековниот просторен и временски континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти на целата јазична територија. Неговото дијалектно богатство, вградено во литературата и стандардот, го прави посебен, уникатен, и докажува дека македонскиот јазик има долга историја и особен влог во рамките на групата словенски јазици и светското јазично семејство, а неговата посебност и специфичност предизвикува особен интерес во меѓународната лингвистичка научна средина.

Но борбата за зачувување на македонскиот јазик не е завршена, таа мора да трае и да продолжи пред меѓународните институции за човекови права, бидејки неговата официјална употреба од страна на деловите на македонскиот народ во соседните земји е оневозможена со превземените обврски со договорите од Преспа со Грција и оној за добрососедство со Бугарија. Во исто време македонскиот јазик е загрозен и внатре во самата држава, каде не е подеднакво почитуван на целата нејзина територија. Законот за македонскиот јазик за жал е донесен отпосле и сега државните институции треба да вложат многу поголеми усилби за негова правилна примена. Уставниот суд во чиј капацитет веруваме е на потег да воспостави правилна употреба на македонскиот јазик како официјален јазик за меѓусебно разбирање на сите граѓани на целата територија на државата, согласно општоприфатените меѓународни прописи во светот и ЕУ каде што ние целиме.

Академик Блаже Конески, првиот претседател на МАНУ со своите дела, правопис, граматика, речници, поезија и др. со право се смета за втемелувач на современиот македонски јазик. Но секако во етаблирањето и развојот на македонскиот јазик не смее да се пренебрегне и улогата на неговите современици и блиски соработници, плејада доајени лингвисти, членови на академијата, Институтот за македонски јазик “Крсте Мисирков”, катедрата по македонски јазик при УКИМ и др. Тука пред сé мислам на професорите Крум Тошев, Круме Кепески, Благоја Корубин, Божидар Видоевски, Трајко Стаматовски долгогодишен директор на Институтот “Крсте Мисирков” и еден од најблиските соработници на Конески, Коста Пеев исклучително значаен по неговите 5 тома за дијалектите во Егејска Македонија и многу други кои се дел од создавањето и историјата на современиот македонски јазик.

Почитувани,

Македонската академија на науките и уметностите како и другите академии во регионот и пошироко е создавана при оформувањето на нациите, нивниот идентитет и државност, пред сé да се грижи за зачувувањето и развојот на јазикот, националната историја, нашата култура и  духовното богатство. Така и ден-денес МАНУ во соработка со Институтот за македонски јазик, катедрата по македонски јазик при УКИМ и другите универзитети и научни институции продолжува во полна пареа да работи на збогатување и усовршување на македонскиот литературен  јазик. За тоа сведочат последните вредни изданија на одделението на лингвистика и литературна наука на МАНУ: тритомното издание “Кочо Рацин” од академик Катица Ќулавкова и дописен член Венко Андоновски, во кое што се обработени на посебен начин поезијата, прозата и животописот на авторот, а во рамките на граматичката обработка на македонскиот јазик во 2024 година во печат е предадена монографијата “Теориски прилози за современ граматички опис на македонскиот јазик (од значење кон форма) од академик Зузана Тополињска. Во 2024 година секако најзначајно достигнување на ИЦАЛ е објавувањето на првиот том од Македонскиот дијалектен атлас, во соиздаваштво на МАНУ и на Институтот за македонски јазик “Крсте Мисирков” – Скопје, каде како автори се појавуваат петнаесет познати лингвисти, кои оваа година се добитници на престижната државна награда “Гоце Делчев”, меѓу кои доп.член Веселинка Лабровска и акад.Марјан Марковиќ.  Прикажувањето на македонското јазично лексичко богатство преку дијалектните карти на овој атлас, не само што ја зацврстува посебноста и автентичноста на македонскиот јазик и неговите дијалекти, туку претставува и силен влог во славистичките и меѓународните  дијалектолошки проучувања во многу пошироки рамки. Подготвувањето на вториот том на атласот е во програмата на МАНУ за 2025 година. Исто така сметам дека во наредниот период би требало да се зајакне местото и улогата на македонскиот јазик во концептот на јужнословенски јазици. Тоа најдобро би можело да се направи со возобновување на  катедрите по македонски јазик на универзитетите во бившите југословенски простори. Овие универзитетски центри во старт сесрдно ја поддржуваа посебноста на македонскиот народ и јазик и тоа непоколебливо го прават и денес, така да со реализацијата на овој проект значително ќе се зајакне позицијата и развојот на современиот македонски литературен јазик.

Моето обраќање ќе го завршам со неколку цитати на Блаже Конески.

Имено, пет години подоцна, после периодот на официјализирањето на македонската азбука и правопис, Конески во својата статија „За донесувањето на македонската азбука и правопис“, меѓу другото вели:

Примањето на азбуката и правописот означи најкрупна победа на нашиот народ на културното поле. Со тоа ѝ се кладе крај на стихијноста во развитокот на нашиот литературен јазик и се направи решителен чекор кон неговото унифицирање.“

Во оваа статија, тој наведува и неколку принципи кои се од клучно значење за натамошниот развој на македонскиот литературен јазик. Еден од тие принципи се однесува на клучното значење на македонските народни говори:

„Во македонскиот литературен јазик треба до најголема степен да се изрази неговата народна основа. Речникот на литературниот јазик да се обогатува со зборови од сите наши дијалекти, да се изградуваат нови зборови со живи наставки, и само колку што е потребно да се усвојуваат и туѓи заемки.“

Зборовите и делата на Конески и денес одекнуваат силно, но исто така и силно ги обврзуваат следните генерации да продолжат да го негуваат, проучуваат и да го афирмираат македонскиот јазик, основен белег на нашиот идентитет и култура, на нашето минато, сегашност и на нашата иднина.

Благодарам на вниманието!

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран