Комисијата задолжена за избор на македонски кандидат за судија во Европскиот суд за човекови права денеска одржа втор состанок во просториите на Министерството за надворешни работи, на кој биле разгледани сите кандидатури пристигнати во предвидениот рок.
Според информациите на телевизија Телма, од 21 кандидат, 9-мина отпаднале бидејќи не ги исполниле критериумите и условите предвидени во Јавниот оглас, кои што се во согласност со насоките и стандардите од Советот на Европа. Останатите 12 кои ги исполниле условите во среда ќе бидат повикани на интервју, по што ќе следува изборот на тројца кандидати кои како предлог-листа ќе бидат доставени до владата.
<
Меѓу оние што не ги исполниле условите има и судии, обвинители, адвокати и правници по професија. Никој не кажува кои кандидати продолжуваат на интервју, а кои испаднале на конкурсот. Меѓу 21-те кандидати беа обвинителката Ленче Ристовска, судијките Оља Ристова, Габриела Гајдова и Едита Насковска, поранешниот претседател на ДИК, Александар Даштевски, адвокатите Тони Менкиновски, Валентин Пепељугоски, Ирена Ристиќ, поранешна директорка на Академијата за судии и јавни обвинители Наташа Габер-Дамјановска и други правници.
Од МНР без детали за одлуката од состанокот, но во одговор за Телма потврдија дека ќе се одржат интервјуа со кандидатите во текот на оваа недела.
-Денес се одржа вториот состанок на Комисијата за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, а со цел прелиминарно разгледување на пристигнатите апликации, со цел утврдување на комплетноста и навременоста на поднесените апликации, односно исполнетоста на потребните формални критериуми и услови предвидени во Јавниот оглас, а согласно насоките и стандардите од Совет на Европа. Во текот на оваа недела, предвидено е одржување на интервјуа со кандидатите кои ја поминаа првичната фаза од процесот, ни одговорија од МНР.