ПРВ.мк

Мицкоски: Јазикот е нашето цивилизациско право – нема отстапување

Мицкоски: Јазикот е нашето цивилизациско право – нема отстапување
Jumbo Banner

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва на свечената академија по повод 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, истакна дека „Македонскиот јазик не е само минато, тој е мост до иднината“. 

„Затоа овој јубилеј нека не биде само момент на сеќавање туку и миг на будење, миг кога повторно си кажуваме – ова е наше, ова е вредно, ова е вечно“, порача Мицкоски.

Цитирајќи ги Крсте Мисирков и Блаже Конески, како и заслугите на преродбениците и просветителите, премиерот нагласи дека кодификацијата во 1945 година беше врв на вековна борба за национален израз и самобитност.

„Тоа не беше административен акт, туку признание за долга, искрена и тешка борба на еден народ за свое име и свој глас“, рече тој.

Мицкоски нагласи дека јазикот мора да се негува и развива: „Јазикот не е нешто што стои во витрина. Тој мора да се зборува, создава и живее. Нашата најголема надеж се младите.“

Се обрати и до Македонците во дијаспората, охрабрувајќи ги да го пренесуваат јазикот на идните генерации, како „нераскинлив дел од нашето национално ткиво“.

Во своето обраќање, премиерот потенцираше дека малите народи постојано мора да го докажуваат своето право на идентитет и јазик, особено во услови на пропаганди што удираат по нивните основи.

„Јазикот е нашиот бедем и неспорен идентитет. Нема да отстапам од нашето цивилизациско право да говориме, чувствуваме и пееме на македонски. Тоа што го правеле нашите предци, ќе го прават и нашите деца“, изјави Мицкоски.

На крајот, упати благодарност до сите институции и поединци кои работат на унапредување на јазикот: Институтот „Крсте Мисирков“, МАНУ, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, издавачи, медиуми, наставници, поети и преведувачи.

Ветувањето од Владата, како што рече, е јасно: продолжување со инвестиции во македонскиот јазик преку образовни реформи, дигитални проекти, речници, поддршка на институции, нови технологии и програми за млади – и дома и во странство.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран