Со пригоден настан во Собранието, Комисијата за култура го одбележа 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, а по повод јубилејот 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик.

Потпретседателот Милошоски, кој го отвори овој настан, го окарактеризира кодифицирањето на македонскиот јазик како круна на сите обиди на народот да го зачува јазикот кој го користел со векови и да му даде форма. Потребни се институции, книги, закони, инспекторати, но бадијала е сѐ ако нема борци за јазикот, а тоа се говорителите. Наречјата се богатството, фолклорот, мозаикот на македонскиот јазик и треба да се зачуваат. Ако јазикот е нашата татковина, татковината на јазикот е во нашите семејства – заклучи Милошоски.

Тематско обраќање по повод 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик имаше и пратеничката проф д-р Иванка Василевска.
Василевска се наврати на историските датуми за македонскиот јазик. На 5 мај 1945 година е објавена и озваничена македонската азбука со Решение за македонската азбука.

Кодификацијата на македонскиот јазик е направена со Одлука на АСНОМ на 2 август 1944 година. Со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик, а на 7 јуни истата година е усвоен и правописот на македонскиот јазик.
Македонскиот јазик осум децении е рамноправен јазик во Обединетите нации и се изучува на повеќе од 30 универзитети ширум светот – потенцира Василевска.