За време на комеморативен настан во холандскиот град Вагенинген, на кој се одбележуваше 80-годишнината од ослободувањето на Холандија, се случи сериозен безбедносен инцидент. Во момент кога премиерите на Холандија и Полска, Дик Шуф и Доналд Туск, држеа говор, кон нив беше фрлена димна бомба.
Најкритичната ситуација се случи кога полскиот премиер Доналд Туск се приближуваше до симболичниот „пламен на ослободувањето“ – тогаш беше фрлен факел од толпата, кој заврши токму пред неговите нозе. Безбедносните служби веднаш реагираа и го тргнаа Туск од сцената.
Неколкумина присутни во публиката држеа транспаренти и извикуваа пораки против војната во Појасот Газа, што отвора сомнежи дека инцидентот можеби бил политички мотивиран и насочен директно против Туск.
Исто така, за време на говорот на холандскиот министер за одбрана, Рубен Брекелманс, се слушаа пропалестински слогани од група демонстранти. Според холандските медиуми, засега се уапсени пет лица поврзани со инцидентот.