Романскиот премиер Марсел Чолаку поднесе оставка по поразот на владата на претседателските избори
Социјалдемократскиот премиер на Романија, Марсел Чолаку, денеска објави дека поднел оставка, еден ден по убедливата победа на екстремната десница во првиот круг од претседателските избори и поразот на кандидатот поддржан од неговата влада.
„Со оглед на резултатите од гласањето, коалицијата што ја формиравме со либералите и партијата на унгарското малцинство веќе нема легитимитет“, изјави Чолаку по состанокот на неговата партија во Букурешт.
Тој информираше дека оставката веќе му е доставена на романскиот претседател Илие Бологан и дека на коалициските партнери им предложил колективно повлекување од владата. Со тоа, владата останува без парламентарно мнозинство и ќе функционира само технички, додека не се формира нов состав по вториот круг од изборите, закажан за 18 мај.
Чолаку, кој има 57 години, остана премиер по парламентарните избори во декември, како дел од коалициски договор кој имаше цел да ја блокира екстремната десница и да поддржи заеднички кандидат на претседателските избори. Сепак, владиниот кандидат Крин Антонеску освои само трето место и се повлече од изборната трка.
Најмногу гласови во првиот круг освои Ѓорѓе Симион, кандидатот на екстремната десница, со 40,9 отсто од гласовите. Зад него, со 20,9 отсто, се најде центристичкиот градоначалник на Букурешт, Никусор Дан.