ПРВ.мк
Македонија

Продадено новороденче за 5.000 евра: Судот во Скопје откри шокантни детали од случајот

Продадено новороденче за 5.000 евра: Судот во Скопје откри шокантни детали од случајот

Основниот кривичен суд во Скопје изрече првостепени затворски казни за случајот со незаконско предавање на новороденче, откривајќи детали за организирана шема преку која бебе било предадено на брачен пар за 5.000 евра. На пресудата се поднесени жалби.

Според судот, неколку дена по породувањето во Куманово, наместо да замине дома со својата мајка, новороденото девојче било однесено кај брачен пар од скопско. Во организацијата, како што е наведено во пресудата, учествувале повеќе лица, меѓу кои и згрижувачка, која имала улога во поврзувањето на биолошката мајка со лицата што сакале да го преземат детето.

Истрагата покажала дека уште за време на бременоста биле организирани средби, лекарски прегледи и финансиска поддршка за родилката, а по раѓањето била потпишана нотарска изјава со која лажно било наведено дека мажот кој го презел бебето е негов биолошки татко. Подоцнежната ДНК анализа го демантирала тоа тврдење.

Обвинителството своите наводи ги поткрепило со телефонски разговори, „Ватсап“ пораки, видеоснимки и други материјални докази. Дел од пораките, според судот, укажувале дека меѓу обвинетите постоел договор за предавање на детето, а не семејна или партнерска врска како што тврдела одбраната.

Во пресудата се наведува дека целта била да се заобиколи законската постапка за посвојување, при што детето требало формално да биде признаено како биолошко, а потоа да биде посвоено по пократка процедура. Судот оцени дека сите активности биле однапред координирани и претставувале организирано незаконско преземање на новороденчето.

На обвинетите им беа изречени повеќегодишни затворски казни, при што највисока доби посредничката, а осудени се и биолошката мајка, брачниот пар и уште едно лице кое, според судот, знаело за случајот, но не го пријавило. Одлуката засега не е правосилна бидејќи против неа се поднесени жалби.