ПРВ.мк
Македонија

Ружица од „Ареа“ со емотивна порака за Владо Јаневски

Ружица од „Ареа“ со емотивна порака за Владо Јаневски

Смртта на Владо Јаневски продолжува да предизвикува силни емоции кај неговите колеги, пријатели и обожаватели. Меѓу оние кои јавно се простија од легендарниот музичар е и Ружица Брчиоска, вокалистката на групата „Ареа“, која преку социјалните мрежи сподели искрена и емотивна порака.

Таа откри дека иако никогаш не биле блиски пријатели и немале заеднички фотографии, секогаш имала голема почит кон неговото творештво и придонесот што го оставил во македонската музика.

Ружица нагласи дека Владо Јаневски со децении создаваше и пееше на македонски јазик, оставајќи зад себе песни кои ќе продолжат да живеат и да ги обединуваат генерациите. Според неа, преполните концертни сали и публиката која со години ги пеела неговите песни заедно со него се најдобриот доказ за неговата големина како уметник.

Во својата објава, таа упати и критика кон оние кои, како што наведе, и по неговото заминување не престануваат со негативни коментари. Порача дека делата на еден човек се најсилниот показател за неговата вредност и дека токму по нив треба да се суди.

На крајот, Брчиоска се прости од Владо со зборовите: „Нека ти е светол патот Владо, ќе се сретнеме пак некогаш и негде“, испраќајќи порака која допре до многумина и уште еднаш покажа колку голема празнина остави неговото заминување на македонската музичка сцена.