ПРВ.мк
Македонија

Нови камери на автопатот кај Охрид – „Безбеден град“ се проширува - еве каде се поставени

Нови камери на автопатот кај Охрид – „Безбеден град“ се проширува - еве каде се поставени

Системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“ почна постепено да се воведува и на подрачјето на СВР Охрид. Денеска во функција беа ставени безбедносните камери на автопатската делница кај Ново Село, во општина Дебрца.

Од СВР Охрид информираат дека по успешно завршеното финално тестирање, камерите се активирани, но засега нема да вршат санкционирање на возачите, бидејќи системот сè уште се наоѓа во фаза на техничка проверка и тестирање.

Во наредниот период се очекува проектот „Безбеден град“ да биде проширен и на патниот правец меѓу селата Горенци и Требеништа, како и на останатите пофреквентни сообраќајници и на коридорите 8 и 10 на подрачјето на СВР Охрид.

Од полицијата посочуваат дека системот ќе овозможи постојан сообраќаен надзор, полесно откривање на прекршоци, подобрување на сообраќајната дисциплина и зголемување на безбедноста на патиштата.

Воедно, апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила, особено ограничувањето на брзината на автопатската делница кај Ново Село, каде максимално дозволената брзина изнесува 100 километри на час.