Македонија наскоро би можела да добие еден од најамбициозните туристичко-рекреативни проекти досега – кружна пешачко-планинарска рута долга неверојатни 2.070 километри, која ќе ја поврзе целата земја во една континуирана трансверзала.
Проектот, познат под името „Sammiana“ или Македонска бесконечна трансверзала, има за цел да создаде единствена патека што ќе минува низ планини, долини, села, историски локалитети и природни реткости, нудејќи сосема нов начин за доживување на земјата.
Идејата зад овој огромен потфат е Македонија да се „измине пеш“, чекор по чекор, преку рута што ќе ги спои најпознатите, но и помалку познатите предели. Од високи планински врвови до културно-историски точки, патеката треба да понуди разновидно искуство и за рекреативци и за искусни планинари.
Зад иницијативата стојат група ентузијасти, планинарски здруженија и љубители на природата, кои веќе работат на маркирање на делови од трасата. Паралелно се изработува и GPS систем, како и детални мапи со точки од интерес, со цел патеката да биде лесно достапна за сите заинтересирани.
„Sammiana“ е замислена како кружна рута, што значи дека почетната и крајната точка ќе бидат поврзани, овозможувајќи целосно заокружено патување низ Македонија.
Со својата должина од над 2.000 километри, овој проект има потенцијал да стане нов симбол на активниот туризам и една од најпрепознатливите планинарски рути во регионот.







