Силното невреме проследено со пороен дожд попладнево предизвика сериозни проблеми низ Скопје, каде што за кратко време беа поплавени бројни улици, подвозници и дворови, а сообраќајот на повеќе локации беше значително отежнат.
До Центарот за управување со кризи, преку бројот 112, пристигнале десетици повици од граѓани кои пријавувале поплавени подруми, магацини, дворови, како и заглавени возила на критичните сообраќајни точки низ градот.

Според информациите од ЦУК, најголеми последици од невремето се регистрирани во општините Кисела Вода, Чаир, Бутел и Гази Баба. Под вода останаа повеќе подвозници, меѓу кои оние кај булеварот „Србија“ и кружниот тек во Бутел, додека поплавени беа и кружните текови кај „Ист Гејт“, „Мото Центар“, „Цементара“ и во населбата Железара.
Проблеми беа регистрирани и на улицата „Јордан Мијалков“ зад „Дајмонд мол“, како и во населбите Расадник и Аеродром, каде што водата се излеала на паркиралиштата и пристапните улици.

По невремето, екипите на Град Скопје и јавните претпријатија веднаш излегоа на терен. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека сите служби остануваат мобилизирани во текот на целата ноќ, со цел што побрзо да се санираат последиците и да им се помогне на граѓаните.
Надлежните апелираат до граѓаните да бидат внимателни, да избегнуваат движење низ поплавените улици и да ги следат препораките на службите сè додека траат интервенциите.







