ПРВ.мк
Македонија

Гордост за Македонија: Охридското Езеро прогласено за најубаво место во Европа

Гордост за Македонија: Охридското Езеро прогласено за најубаво место во Европа

Охридското Езеро се најде на првото место на листата на најубави места во Европа за 2026 година во изборот на познатиот туристички магазин „Time Out“.

Македонскиот бисер успеа да се најде пред низа светски познати природни и културни знаменитости, меѓу кои норвешките фјордови, тосканските термални извори и едно од најпознатите архитектонски дела на Антони Гауди во Барселона.

„Time Out“ го издвојува Охридското Езеро како едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа, препознатливо по сината вода, планинските пејзажи и историските населби долж неговото крајбрежје.

Посебно внимание му е посветено на македонскиот дел од езерото и градот Охрид. Калдрмисаните улици, старите цркви и традиционалната архитектура се меѓу неговите главни адути, а како една од највпечатливите глетки е издвоена црквата „Св. Јован Канео“ со погледот кон езерото.

Охрид е спореден и со славното италијанско езеро Комо. Според магазинот, македонската дестинација нуди спектакуларни пејзажи, но истовремено е помирна и попристапна алтернатива на познатата италијанска туристичка област.

На второто место се термалните извори Сатурнија во Тоскана, а трет е Џиновскиот насип во Северна Ирска. Во првите пет се и Алберобело во Италија и Почитељ во Босна и Херцеговина.

Норвешките фјордови се рангирани на шестото место, Кју Гарденс во Лондон на седмото, каналот Принсенграхт во Амстердам на осмото, а долината Мозел во Германија на деветтото место.

Првата десетка ја заокружува Каса Батљо во Барселона – едно од најпознатите ремек-дела на каталонскиот архитект Антони Гауди.