Владата донесе одлука за прогласување кризна состојба поради зголемениот ризик од пожари, а од 1 јули во сила стапува целосна забрана за движење во шумите низ државата. Мерката е дел од засилените активности за спречување на шумските пожари во текот на летната сезона.
Надлежните предупредуваат дека секој што без дозвола ќе биде затекнат во шумските предели ќе се соочи со високи парични казни, кои можат да достигнат и до 2.000 евра.
Од Министерството за внатрешни работи најавуваат засилени контроли на терен, а во откривањето на евентуалните подметнувачи на пожари ќе се користат и дронови, како и дополнителен електронски надзор на критичните локации.
Во меѓувреме, експертите апелираат за максимална претпазливост, оценувајќи дека заштитата на шумите треба да биде врвен приоритет во наредните два месеци. Од доброволните противпожарни друштва, пак, предупредуваат дека и понатаму се соочуваат со недостиг од опрема, при што најголем дел од средствата што ги користат се обезбедени преку донации.
Според статистиката, минатата година биле регистрирани 3.559 пожари на отворен простор, од кои 205 зафатиле шумски предели. Најкритичен бил јули, кога пожарникарите интервенирале на дури 931 пожар, а во одредени денови истовремено гаснеле и до 66 пожари низ државата.










