Сѐ поголем број граѓани во Македонија кои секојдневно нарачуваат храна, производи и услуги преку интернет-платформи и апликации за достава се соочуваат со ист проблем – нарачката пристигнува, плаќањето се извршува, но фискална сметка најчесто нема.
Наместо фискален исечок, купувачите добиваат електронска потврда за нарачката или фактура на е-пошта. Ова директно ги остава без можност да ја користат апликацијата „Мој ДДВ“, преку која државата враќа дел од платениот данок. Без фискална сметка, трансакцијата не може да се скенира, па граѓаните остануваат без поврат на ДДВ.
Потрошувачите реагираат дека при класично купување во продавница или ресторан секогаш добиваат фискална сметка, додека кај онлајн нарачките истото правило не се применува доследно. Дел од нив велат дека практично се лишени од право на поврат што им следува.
Од Управата за јавни приходи објаснуваат дека според законот, фискална сметка мора да се издаде кога се работи за промет кој подлежи на фискализација, особено при готовинско плаќање или плаќање со картичка при достава. Доколку плаќањето се врши преку банкарски трансфер и врз основа на фактура, тогаш не секогаш постои обврска за фискална сметка.
Сепак, проблемот најчесто се јавува кај платформите за достава, кои функционираат како посредници меѓу купувачот и трговецот. Нарачката се прави преку апликација, доставата ја врши курир, а не е секогаш јасно кој е должен да ја издаде фискалната сметка и кога таа треба да стигне до купувачот.
Од Асоцијацијата за е-трговија посочуваат дека постојната регулатива не ги следи доволно брзо современите модели на онлајн продажба. Според нив, кај плаќања со картичка или банкарски трансфер се користат фактура и потврда за плаќање, но кај готовинските испораки постои правна празнина во практичната примена.
Во меѓувреме, институциите и бизнис-секторот најавуваат дека се работи на изнаоѓање преодно решение, а долгорочно се размислува за целосна дигитална фискализација, која би овозможила автоматско издавање електронски сметки во реално време.
Додека тоа се случи, илјадници граѓани остануваат без можност да го остварат правото на поврат на ДДВ од онлајн купувањата, што дополнително го зголемува незадоволството кај потрошувачите.








